Можете ли да броите до десет на јазик што сте го учеле во училиште? Колку коски има во човечкото тело? Кој бил првиот претседател на САД? Кога бил вашиот прв состанок? Која е формулата за пресметување на периметар на круг? Кој е главен град на Австралија?
Поставувањето на овие прашања го активира вашиот мозок. Понекогаш го знаете одговорот затоа што го помните; друг пат, се случува да заборавите или едноставно не знаете. На крајот на краиштата, кога некогаш ќе ги примените некои од овие информации? Оваа статија ќе ни помогне да разбереме како памтиме.
КАКО ФУНКЦИОНИРА НАШАТА МЕМОРИЈА?
Замислете дека чекате оброк во ресторан за брза храна, а готвачот ви кажува дека вашата нарачка е број 22. Ќе го памтите ова сè додека не дојде ваш ред да ја земете нарачката. Неколку дена подоцна, повеќе нема да размислувате на оваа информација. Ова е пример за користење на вашата краткорочна меморија. Па, како можеме да ги користиме сеќавањата?
Во нашиот секојдневен живот обработуваме илјадници информации за светот и нашата околина. Не секогаш ги задржуваме, но тогаш кога ги задржуваме, користиме различни видови памтење или меморија. Краткорочната меморија се однесува на помнење на информации од неколку секунди до неколку часа, додека долгорочната меморија може да ги зачува информациите со години. Кога станува збор за работна меморија, таа е вклучена кога повторувате дејство или дел од информацијата додека не се сетите на истата, како на пример повторување на вашиот телефонски број неколку пати за да го запомните.
Долгорочната меморија може да се категоризира на експлицитна и имплицитна меморија. Експлицитната вклучува свесно и намерно сеќавање на факти, лични искуства или концепти. Може понатаму да се подели на:
★ Епизодна меморија, која се однесува на лични искуства и емоции. На пример, на крајот од Европскиот младински олимписки фестивал, сите волонтери отидоа во Рагуза за да извршат евалуација на искуството, да јадат традиционална македонска храна, да танцуваат и да се забавуваат.
★ Семантичка меморија, која се однесува на фактички информации и општо знаење. На пример: Македонија, главен град Скопјe, население од околу 2,10 милиони, итн.
Од друга страна, имплицитната меморија е несвесна и влијае на нашите мисли и однесувања без активна свест. Ни овозможува автоматски да извршуваме задачи, како што се возење велосипед или свирење инструмент, дури и ако не размислуваме активно како да ги извршиме.
КАКО ПОМНИМЕ?
Првиот пат кога ќе го посетите Скопје, веројатно прво ќе барате практични места како што се супермаркети, работно место, центарот на градот итн. За да го направите ова, можете да започнете со користење на Google Maps. Постепено, почнувате да препознавате обележја како статуи, имиња на улици и ресторани кои ви помагаат да се ориентирате и да се чувствувате позапознаени со областа и да нацртате ментална мапа на градот. Сето ова е благодарение на енграмите. Што се тие?
Не постои единствена локација во мозокот каде што се складираат спомените. Различни мозочни области се одговорни различни видови меморија:
★ Амигдалата на мозокот ги обработува емоциите,
★ Стријатумот е вклучен во учењето вештини,
★ Хипокампусот помага во складирањето и преземањето експлицитни спомени.
Всушност, спомените се создаваат и одржуваат преку мрежи од поврзани неврони познати како енграми. Овие неврони се активираат за време на процесот на помнење. Експлицитната меморија вклучува три главни процеси: стекнување, консолидација (зајакнување) и присеќавање (прикажано на слика бр.1).
Кога забораваме нешто, тоа често е затоа што невронската врска не го следи својот вообичаен пат и пристапот до складираните информации не успева. Ова нè води до…

КАКО ИЛИ ЗОШТО ЗАБОРАВАМЕ?
Постои еден филм со назив „50 први состаноци“ каде што ликот на актерот Адам Сандлер се заљубува во жена која има вид на амнезија. Таа го живее истиот ден одново и одново, заборавајќи сè што доживеала претходниот ден. Ова е преувеличен пример, но истакнува како губењето на памтењето може да влијае врз нас.
Амнезијата е дефицит во меморијата предизвикан од оштетување на мозокот или мозочна болест. Постојат два главни вида на амнезија. Ретроградна амнезија, што е неможност да се присетат на настани што се случиле пред одреден инцидент (како несреќа или операција). Антероградна амнезија е неможност да се формираат нови долгорочни спомени.
Постојат некои болести поврзани со нарушувања на меморијата, како што се Алцхајмеровата болест, често поврзана со стареењето и агнозијата, што е неможност да се препознаат одредени предмети, лица или звуци.
Понекогаш забораваме работи едноставно затоа што сме немале можност да го примениме или зајакнеме она што сме го научиле. Ова истакнува колку е важно повторувањето за да ни помогне да запамтиме.
Како можеме да направиме едно сеќавање незаборавно? Земете, на пример, волонтерско искуство во Македонија: градење пријателства, посета на нови места и создавање посебни моменти. Како што беше напишано во една кафеана: „Еден момент трае секунда, но споменот трае засекогаш“.
КАКО ЗАКЛУЧОК:
Прилично сум сигурна дека научивте нешто од читањето на оваа статија, но дали ќе се сетите на разликата помеѓу семантичко и епизодно сеќавање? Уште еднаш, што беше тоа енграм?
Лолин Томас
Превод: Дела Додевска
Извори:
Greshko, M. (n.d.). Souvenirs : comment sont-ils créés, retenus ou oubliés ?
National Geographic France.
Villet, M. (2024, May 5). Comment les souvenirs sont-ils stockés dans notre cerveau ? The
Conversation.
Wikipedia contributors. (2025, July 2025). Amnesia.
Wikipedia contributors. (2025, June 2025). Explicit memory.


Leave a comment