Најтешкиот дел од животот во странство? Па, понекогаш знае да биде враќањето.
Наместо да ве утеши, враќањето дома може да биде фрустрирачко, збунувачко и депресивно, особено ако таму не сте пропуштиле ама баш ништо. Очигледно, секој минува различно низ тоа, а јас сум доста екстремен пример. И покрај тоа – или можеби поради тоа – сакам да го споделам моето искуство. Ќе разговараме за моите чувства, случајни мисли, обратен културен шок и начини за справување со него, па се надевам дека сте подготвени за „патување“.
Има толку многу совети на интернет за преселба на ново место… но, не многу луѓе споменуваат колку е тешко да се вратите дома по некое време. Вашиот роден град се променил, но вие сте се промениле уште повеќе, и се чувствувате како двајцата да се оддалечивте како пријатели од детството кои тргнале по својот пат. Одите по познатите улици со еден вид дистанца, како да сте само половина таму. И најлошо од сè, кафулето што го посетувавте редовно веќе ги нема вашите омилени карамел тостови во менито…
Сето ова го натера мојот мозок да се сети на фразата што ја слушнав пред некое време – обратен културен шок – и ме мотивираше да ја разгледам, надевајќи се дека ќе најдам некое објаснување. Додека повеќето луѓе се свесни дека преселувањето на ново место и култура ќе бара малку прилагодување, потребата за повторно прилагодување не изгледа толку очигледна.
Враќањето не е само чувство дека не припаѓате таму. Обратниот културен шок доаѓа со тоа што сте покритични кон вашиот дом – можеби затоа што сте го паметеле како подобар отколку што бил, или можеби затоа што го споредувате со вашиот живот во странство. Можеби ќе се исцрпите правејќи основни работи, бидејќи мора да обрнете внимание на начинот на кој ги правите, особено доколку културата е значително различна. Она што најмногу го забележав е дека местата држат спомени исклучително силно и се обидуваат да ги вратат старите верзии од мене што сакам да ги оставам зад себе. Понекогаш се чувствува како постојана борба да не го изгубам новооткриениот јас што сакам да го задржам. Тогаш, која е причината зад сето ова?
Прво, сте се промениле. Престојот во нова средина значи дека веројатно мораше да ја преуредите вашата рутина, социјалниот круг или дури и едноставни работи како навиките во исхраната. Да дадам пример, живеењето на Балканот ме направи многу посоцијална. Секако, ми требаше малку време, но од интроверт кој имаше двајца пријатели во мојот роден град, се претворив во личност која излегува неколку пати неделно. Одеднаш, престојот околу луѓе и постојаното запознавање нови – дури и само за разговор или еднократно кафе – станаа мој секојдневен живот. Мислам дека навистина има нешто во јужноевропското сонце што има моќ да ги отвори луѓето, но тоа е тема за друг ден.
Второ, вашиот дом се променил. Веројатно сте доживеале многу за време на вашиот престој во странство, но во текот на целото ова време – и вашето семејство и пријателите, исто така, живееја свои животи. Можеби откриле нов омилен начин за правење палачинки. Можеби некои од нив повеќе не се таму. И вашиот роден град се променил. Ќе забележите нови места и ќе сфатите дека сте ги изгубиле некои од оние што ги знаевте во душа.
Ако сакате да додадете повеќе проблеми во оваа збрка, можеби ќе се најдете себеси повеќе возбудени да ги споделите вашите животни приказни од странство отколку луѓето да ги слушаат, а спротивното – да не бидете заинтересирани да дознаете што се случило дома. Да се биде странец доаѓа со еден вид третман на „позната личност“, бидејќи сте поинтересни за локалните луѓе отколку што сте во вашата земја… и дефинитивно е нешто што треба да се пропушти. Исто така, е полесно да се спријателите со други странци, бидејќи веднаш имате нешто заедничко за почеток. Сето ова значи дека можеби ќе се чувствувате како да не припаѓате дома и ќе мора повторно да се адаптирате.
Секако, не можам да ве оставам без решенија, па еве неколку идеи. Поврзете се со други кои имаат слично искуство, без разлика дали станува збор за запознавање странци во вашиот град или одржување контакт со пријатели што сте ги стекнале во странство. Некои од работите што можете да ги направите се менторство, започнување група за размена на јазици или споделување на вашата приказна преку интернет. Најдете начин да ги интегрирате вашите нови навики и вештини во вашиот секојдневен живот, од начинот на кој го подготвувате појадокот, до вашите следни кариерни избори. На овој начин, ќе ја одржите „жива“ трансформираната верзија од себе. Уште еден совет што го слушнав пред да заминам е да останете зафатени. Направете планови за работи што ве интересираат: организирајте го вашето следно патување, пријавете се за нови часови, започнете го хобито што го одложувавте.
А јас? Па, оваа недела почнувам нова работа во меѓународен тим, а следниот месец со магистерски студии. Мускулите ме болат од часовите по јога што ги најдов близу до мојот дом. Билетот за концерт на еден од моите омилени уметници – ме чека во мојата фиока. Разгледав курсеви за возење и размислувам да волонтирам во засолниште за мачки. Се чувствувам тажно поголемиот дел од времето, но знам дека не можам да го паузирам мојот живот поради тоа. И можам само да се надевам дека ќе се подобри, бидејќи секогаш беше така во минатото.
И ако тоа чувство, сепак, не исчезнува – секогаш можеш пак да заминеш. Колку и да треба – пронајди се себеси повторно.
Ања Војџиак
Преведувач: Горан Адамовски
Извори:
Intentional Expat – The Repatriation Blues: 5 Tips from an Expat Coach for Coping with Reverse Culture Shock https://www.intentionalexpat.com/reverse-culture-shock/
U.S. Department of State – Reverse Culture Shock – The Challenges of Returning Home https://2009-2017.state.gov/m/fsi/tc/c56075.htm


Leave a comment