Како научив да го сакам апсурдот

Има денови кога се будам и сè ми изгледа тешко без причина. Воздухот, бучавата, мислите. Се чувствувам како да сум во маѓепсан круг: повторување, обид, неуспех, повторување повторно. Во тие моменти помислувам на Сизиф. Човекот проколнат да го турка својот камен по планината засекогаш, само за да го гледа како се тркала надолу секој пат.

Во „Митот за Сизиф“, Албер Ками напиша дека мора да го замислиме Сизиф среќен. Не затоа што неговата казна има смисла, туку затоа што учи да живее без потреба од неа. Таа единствена идеја промени нешто во мене. Сфатив дека можеби поентата на животот не е да се најде смисла, туку да се живее дури и кога знаеме дека нема.

Секогаш барав смисла. Тоа е речиси инстинктивно, сакам да знам зошто се случуваат работите, зошто луѓето си заминуваат, зошто понекогаш чувствувам премногу, а друг пат ништо. Поминав години обидувајќи се да изградам причина за сè, како тоа да ме заштити од празнината. Но животот не ја следи нашата логика. Тој е непредвидлив, чуден, понекогаш суров, па можеби тоа е во ред.

Кога првпат го прочитав Ками, не видов филозофија, но видов искреност. Онаа што не се обидува да ве утеши туку ви кажува дека е во ред ако светот нема смисла. За некој како мене, кој длабоко ги чувствува работите и бара вистина насекаде, ова го доживеав како чудно олеснување. Апсурдот не е непријател; тоа е огледало. Тој го одразува она што значи да се биде човек: да се продолжи понатаму, да се продолжи да се чувствува, дури и кога сè е неизвесно.

Сизиф е симбол на нашата состојба. Неговата планина е нашето постоење, тоа е рутината, напорот, тежината што сите ја носиме. Неговиот камен може да биде сè, на пример, чувствувам дека мојата ја менува формата: понекогаш е вознемиреност, понекогаш осаменост, понекогаш тежината на едноставното постоење. Но, секој пат кога туркам, пронаоѓам ритам. Она што е важно не е самиот камен, туку чинот на неговото туркање. Секој чекор, секој здив, станува тивка форма на отпор.

Во Македонија, ја почувствував таа рамнотежа помеѓу хаосот и спокојството. Некои денови се тешки, а други пак, течат со едноставност. Седам во кафулиња, опкружена со јазици што едвај ги разбирам, и сфаќам дека тоа не е важно. Животот продолжува да се случува со или без објаснување. Во тоа има утеха. Можеби апсурдот не е за очајот туку за храброста. Храброста да се живее целосно дури и кога универзумот не одговара.

Сизиф, за мене, не е трагична фигура. Тој е човек. Тој е сите ние. Тој знае дека каменот повторно ќе падне, но оди по планината со мир. Затоа што разбира дека неговата слобода не лежи во бегството од својата судбина, туку во нејзиното прифаќање. Тоа е тивкиот бунт за кој зборува Ками: да не се вреска против апсурдот, туку да му се насмевнува.

Многу размислувам за тоа што значи да се „сака животот“, особено кога животот се чувствува тежок. Можеби не станува збор за радост, или успех, или совршенство.

Можеби станува збор за внимание, за тоа да се биде присутен за она што е тука, дури и кога боли. За мене, да го сакаш животот значи да го погледнеш апсурдот и да кажеш: „Те гледам и бирам да останам“. Научив дека животот не мора да биде извонреден за да биде реален. Само треба да се почувствува.

Па кога животот повторно се чувствува бесмислен, се обидувам да се сетам: поентата не е да се најде одговорот, туку постојано да се поставува прашањето. Животот не ни должи смисла. Но сепак, можеме да го направиме убав. И можеби некаде помеѓу воздигнувањето и паѓањето, помеѓу тишината и смеата, и ние можеме да научиме како да се замислуваме среќни.

Касандра Журну

Превод: Горан Галабов

Извори:
Врз основа на „Митот за Сизиф“ од Албер Ками.
Слики од вештачка интелигенција создадени од Касандра Журну во Canva.

Related posts