Еден допир, безбројни промени

На сите ни е позната играта домино. Во една редица доволно е само еден допир за да се придвижи целиот ред. Така наместени, домино-плочките сами по себе стојат мирно, потребно е само една да се придвижи, за целиот ред да се измени по нејзе.
Таков е и младинскиот активизам, започнува со едно “ајде”, едно мало дело кое создава бранови кои се шират многу подалеку од очекуваното. Нашиот прв допир беше патувањето до Германија. 


Односно, сѐ започна со едно често поставувано прашање: Колкава моќ имаат младите? Ова беше тоа едно “ајде”, искрата што ја започна синџирната реакција, нашиот сопствен домино ефект.

Тимот, составен од членови на различни години, интереси и предизвици; тргна во авантура низ која навлеговме подлабоко во ова прашање. 

Се најдовме пред аеродромот, со една јасна цел – желба за промена. A подобар спој на карактери, најверојатно нема повторно да има. Така во 3 часот наутро, полурасонети и со куфери полни со надеж, ни започна незаборавен пат до едно местенце во Германија. 

Ваква сцена никој од нас немаше да може да смисли, дури и да знаеше што нѐ чека понатаму. Патот до куќата во која престојувавме беше “мини-одисеја”. Од авион, до автобус, па метро, секако не смееме да ги заборавиме верните возови, и за крај пешки. После часови патување, некако стигнавме до KulturHaus без (претерано) да си ја изгубиме главата. 

Пречекани од уште поразновидна група од Германија, официјално ни започна културната размена. Во прав македонски стил, ја пречекавме и групата од Романија, ученици од музичко училиште кои во рок од десет минути ја променија атмосферата и ѝ додадоа еден музички шмек кој веднаш нѐ поврза сите. 


Деновите таму следеа структуриран план на активности. Секој ден ја имавме можноста да се вклучиме во работилници, па дури и самите ние да организираме една. 

Еразмус е познат по нетрадиционалниот пристап во предавањата, кадешто учесниците учат преку правење, групна работа, игра, дискусија и често ја вадат на површина креативноста која многумина од нас и не знаеле дека ја имаат. 

Со цел да нѐ разбудат и освежат секое предавање започнуваше со таканаречени “energizers” или кратки “ice-breakers” – игри кои те тераат да се вклучиш во некоја забавна активност и да го запознаеш секој од останатите учесници. 

Потоа ќе преминевме на теми како младински активизам, вклученост во заедницата, тимска работа и можности со кои младите можат да направат разлика. 

Кон крајот на проектот ја имавме приликата да споделиме проблеми со кои се соочува заедницата од кај што потекнуваме. Како тимот на Македонија, бевме вокални за чести проблеми со кои се бори младината. Можноста да искажеме за што се бориме со години ни даде едно чувство на припаѓање и надеж за промена. Додека пак при ислушување на проблемите во туѓи заедници, како тие од Романија, пронајдовме сличности. Ова ни ја отвара можноста за соработка, и солидарност помеѓу две различни култури.

Во вториот дел од денот, работилниците често се фокусираа на некоја активност преку која ќе научевме нешто ново за создавање промена. 

Имаше и моменти кои брзо станаа незаборавни за нас. Еден од врвните моменти беа културните вечери. Голем впечаток ни остави културната вечер на тимот од Романија, кои со магија нѐ пренесоа низ нивните градови и природа. Можноста да испробаме традиционална храна од други држави беше искуство кое ќе остане дел од нас. Богатата култура, традиција и историја на Македонија ни овозможи да создадеме вечера исполнета со вкусна храна, интересни факти и наши ора изиграни од сите националности. 

Друг незаборавен дел беше нашето патување во Бремен, каде го истражувавме градот, учевме за неговата историја и поминувавме време заедно како една голема група. 

Но, и малите моменти како смеењето за време на „energizers“, заедничките напори при тимските предизвици, споделувањето приказни за време на работилниците и останувањето до доцна навечер за разговори беа подеднакво значајни. Тие спомени создадоа силни врски меѓу нас и ја направија целата приказна посебна.

Се сретнавме и со неколку предизвици. Еден од нив беше комуникацијата, некои од учесниците имаа потешкотии со англискиот. Преку спојувањето на вештините на секој член од нашиот тим, успеавме да го преминеме овој предизвик и да создадеме другарства кои ќе траат со години.

Ова патување нѐ научи дека и најмалиот чекор може да создаде бранови на промена, слично на тоа мало домино што почнува да се движи. Научивме дека преку доверба, соработка и споделување идеи можеме да преминеме предизвици и изградиме врски кои траат. Секој мал чин на добрина, секоја иницијатива па дури и најмалиот разговор може да остави големо влијание. А дома понесовме инспирација за промена, и нови механизми за охрабрување на светот околу нас. Свет кој се менува со мали чекори, кои започнуваат токму од вакви проекти а понатаму носат големи промени.

Сара Ѓорѓинска

Младинската размена „Youth: Empowered and Active“ се одржа во Гарлштет, Германија, во периодот од 29.09–8.10.2025 година. Целта на проектот беше да ги запознае учесниците со позитивни примери на активизам низ Европа и светот.

Related posts