Дали се уште се мислиш за твоето прво „Еразмус+“ искуство? Се двоумиш, дали тоа е вистинската одлука за тебе и дали ќе успееш… Имаме премногу обврски, учиме како да го менаџираме своето време, стануваме самостојни, се соочуваме со нови предизвици, но не значи дека животот не може да биде забавен и покрај сето ова!
Неодамна, како студентка на Универзитетот Гоце Делчев имав шанса да учествувам во културниот фестивал: ‘Kaleidoscope – The Voices of Europe Today’ подржан од „Еразмус+“ и алијансата ACE2EU. Фестивалот беше одржан од 21-24 октомври во Инголштад, Германија во THI – Technische Hochschule Ingolstadt, кој е еден од деветте партнерски универзитети на алијансата.
На почетокот имав голем страв, дали ќе успеам да се снајдам и дали ќе ги завршам сите предвидени активности квалитетно и на време. Многу е важно да бидеме храбри и секогаш да се стремиме да го дадеме најдоброто од себе.
ACE2EU и нивната мисија
ACE2EU е алијанса кофинансирана од Европската Унија со цел да ги подржи студентите, вработените, истражувачите и надворешните засегнати страни со знаење, вештини и компетенции потребни за колективно справување со предизвиците во иднина. Освен тоа, мисијата на алијансата е да ги промовира основните вредности и цели на Европската унија, вклучувајќи ги мултикултурализмот и повеќејазичноста, инклузивност, поддршка и развој на истражувачките заедници со што се зајакнува европскиот идентитет низ целиот сојуз. Освен Македонија, дел од алијансата се Литванија, Германија, Полска, Латвија, Австрија, Португалија, Шпанија и Романија.
Kaleidoscope – The Voices of Europe Today
Фестивалот беше отворен за сите студенти од деветте партнерски универзитети и целта беше живописно да ја прославиме културната разновидност, креативноста, да се соочиме со јазичните бариери и сите заедно да бидеме во духот на меѓусебна дружба и соработка. Во текот на овие три дена секоја држава ги претстави своите културни обележја на уникатен начин во опуштена и забавна атмосфера. Секој беше добредојден да присуствува на танцови изведби, изложби, музички перформанси, интерактивни работилници и активности и да се здобие со меѓукултурни искуства и прекрасни спомени. Атмосферата беше пријателска и се чувствував како веќе долг период да сум дел од таа заедница. Сите функциониравме како едно и бевме водени од иста желба: да направиме заедничка позитивна промена во светот.
Овој настан за прв пат отидов сама во друга држава, што беше голем исчекор за мене. За среќа, девојките со кои патував од Македонија беа прекрасно друштво и заедно ги пребродивме сите предизвици со кои се сретнавме во текот на патувањето. Оваа патување ме научи како да го планирам и организирам времето, што ми е неопходно, научив како да се снајдам со јавниот превоз во Германија и бев принудена да ги користам англискиот и германскиот јазик за комуникација. Знаењето на повеќе јазици е секогаш добредојдено и многу е важно да ги унапредуваме и да бидеме во постојан контакт со нив. И да, на почетокот е страшно, но верувајте дека тоа е најтешкиот чекор од целата работа, да бидеме доволно храбри да ги користиме нашите вештини во пракса. Токму на овој фестивал, иако сите бевме со различна позадина, со помош на англискиот јазик бевме сплотени и комунициравме слободно, без проблеми.
Благодарение на овие неколку дена, се стекнав со прекрасни искуства, незаборавни спомени, доживувања, се запознав со различни карактери… Ова патување ме научи дека најголемите вредности во градењето на карактерот на човекот се токму во неговото искуство со останатите луѓе, познавањето на други култури и вредности и способноста да се биде флексибилен.
На почетокот не очекував дека ова е моќта на „Еразмус+“ проектите. Овој настан не сплоти сите. Од првиот момент кога сите бевме собрани во холот на универзитетот како странци, до последниот момент кога ги гледавме видео-записите од текот на сите активности, не бев свесна дека толку многу работи можат да се случат за кратко време. Отидовме со мотивација и возбуда, добра енергија, а се здобивме со вечно врежан спомен од „Еразмус+“ во нашите идентитети, во нашите срца. На секој читател топло му препорачувам: Уживај во секој момент, прифаќај предизвици и ќе видиш дека светот е преполн со убави нешта кои чекаат на тебе!
Од срце сум благодарна на сите што беа дел од ова мое прекрасно искуство.
Ана Коцева


Leave a comment