Uniartcity – спој на самошколување, уметност и живот во заедница

Се прашуваш што е Uniartcity?

Во суштина, група на млади луѓе се имаат собрано со заедничка одлука и визија да креаираат свој простор каде што ќе можат сами да ги одберат своите предмети за престојниот семестар.

Фокусот се става на градење самодисциплина и правилно организирање на своето време за да можеш да учиш, правиш, градиш свој проект без да имаш притисок од институција, професор, родители, високи сметки за школување итн.

Uniartcity како самостоен факултет е почнато пред некои 3 години во Schloss Tempelhof каде заедницата на Темплхоф ја има видено и препознаено идејата позади проектот и им има отстапено дел од свое земјиште за студентите да си го изградат својот прв кампус. По изградбата на првиот кампус Flow Valley, студентите од престојниот семестар го поминуваат таму летото заедно учејки нови вештини, градејки еко-куќи, пријателства, врски кои покажуваат дека кога луѓето се сплотени – нема идеја што не може да стане реалност!

Во наредните две години наоѓаат уште две локации: Стара куќа во близина на Темплхоф и стар напуштен ловџиски музеј во Шонсе (Schönsee), Nature Community. Двете места ги реновираат самите и ги приспособуваат да бидат дом на млади студенти преку зимските семестри.

Тука се поврзува мојата приказна со нив, пред неколку месеци во музејот во еко-заедницата Nature Community пред неколку месеци…

Како човек кој сака природа, еколошки начин на живот, градење со дрво… ова ми се виде одлична прилика да го посетам местото и да научам нови вештини кои ќе ми бидат корисни во иднина. Не помислив двапати за да се пријавам преку ЕСК-програмата.

Поминав 50 дена во селото каде што заедно со други интернационални доброволци, изградивме 5 мали соби за студентите од престојниот семестар и го реновиравме делот за “Welness” во хотелот на Nature Community. Деновите беа исполнети со работа, дружба, смеење, пеење, сауна и по малку драма (не бива без нејзе, нели?:)). Животот во заедница те полни и исцрпува во исто време, но исцрпувањето не е нималку слично како она во градот, барем не за мене. Педесетте дена (некаде пред истекот на старата година) прелетаа за час и дојде време да се вратам дома, но само привремено… веќе бев решен дека ќе присуствувам и на вториот проект во февруари 2026 година.

Дојде и тој ден, се вратив и сфатив колку уживам кога утрата се спори и ти вбризгуваат живот во душата. Во Замокот (така го нарекуваме музејот) веќе беа вселени студентите кои таму го поминуваат зимскиот семестар и ги користеа собите кои ние ги изградивме. Чуството е преубаво кога знаеш дека имаш придонесено во нешто што е нов бран, ново движење и потенцијална промена на образовниот систем во светот.

Но, за ова се да биде возможно, мора да работиме сплотено и секој да си има своја улога и одговорност во текот на денот, неделата, па и месецот. Што значи тоа? Секој понеделник во 9:30 часот сите што живееме во замокот (околу 30 луѓе) се собираме во големата дневна соба и се делат обврски за средување на целиот замок, кој не е за потценување кога станува збор за неговата големина.

Доброволно се пријавуваат сите за различни обврски кои треба да се средат тоа утро: да се правосмука дневната соба, да се исчисти тоалетот со тушевите, да се надополнат резервите на пелети за греење, да се исчисти кујната и се она што во целина би имал обврски дома, само 10 пати поголемо. Но, кога 30 луѓе работат сплотено и со убава музика во позадина, замокот повторно заблескува за саат и половина. Потоа се доделуваат обврски за текот на неделата да се знае кој е одговорен за печење леб, менување на плинска боца, среден ходник, чисти тоалети, празнење на кантите за селективен отпад итн. Улогите се менуваат на неделно ниво.

За време на вториот проект, приоритет беше да се опремат сите соби во замокот со цевки за ѕидно греење а потоа истите да се покријат со глина. Глината ми стана близок пријател. Иако не сакам да работам многу со глина, работата со нејзе ми е како медитација. За покривање на цевките во собите потрошивме повеќе од 3 тона глина. Последната недела пред да заминам градевме ѕид од дрвени греди и иверици во една од големите соби каде што целта е да се подели собата на дневна соба и музичко студио. Работа со дрво е она што навистина ме исполнува и секогаш ќе бидам благодарен за оваа можност која ми беше дадена. Би можел уште цел еден текст да напишам за сите мали и големи странични проекти кои ги завршивме, но ќе оставам тоа за следна прилика.

Настрана од градење физички работи, многу ми се допадна процесот на градење пријателства и врски меѓу тамошните учесници на проектот. Не бев сам кој одлучи да се врати по вторпат во Uniartcity, туку тоа го сторивме шест доброволци од првиот проект пред нова година. Моментот кога сите повторно се собравме ни беше дури и како нереален. Чувствував близина кон нив како да ги познавам со години, а не да сум ги запознал пред само 3 месеци. Тоа е магијата на живеење во заедница и надминување на заеднички препреки.

Доколку оваа приказна ви буди било какви позитивни мисли и би сакале да искусите живот во заедница, топло ви препорачувам да поминете еден EСК-проект во Schönsee, Nature community, Uniartcity.

Петар Стевановиќ

Проектни партнери: Uniartcity | Nature Community

Related posts