Параглајдерство

115984486

Параглајдерството претставува  летачки спорт и е еден од помладите екстремни спортови во Македонија. За разлика од падобранството каде што се изведува скок од авион, со параглајдерот се полетува од планина или некоја стрмнина. Летот со параглајдер може да трае 15 минути, но ако пилотот е искусен и има познавање, летот може да трае и многу подолго, односно со часови.

Krushevo-PWC

Во Македонија неофицијалниот рекорд е полетан од Скопје, а слетан на Свети Наум и тој лет траел 5 часа. Основната опрема за параглајдерство се состои од крило, односно параглајдер, вез со кој се закачува параглајдеристот, кацига, резервен падобран и инструменти како што е ГПС локаторот кој служи за навигација, радио за комуникацијаи вариометар со кој се мери промената на притисокот на воздухот.

two-paragliders1

Во параглајдерството има три дисциплини: прецизно слетување, акролетањето и крос-кантри трка. Во првата дисциплина пилотот полетува со параглајдерот и има поставена мета која треба пилотот да ја погоди, во акролетањето исто така се полетува, а натпреварите се одржуваат над вода и се прават акробации. Третата и најпопуларната дисциплина е крос кантри трка, во која се зададени ГПСточки, кои пилотите треба да ги поминат.

Macedonia timeless photo

Секако ќе го напоменеме и рекреативното летање каде што не се зададени посебни задачи но задолжително се применуваат безбедносните правила, и тандем летањето кое се изведува заедно со искусен пилот и претставува атракција за туристите и љубителите на височините. Просечната брзина на параглајдерот е 30км на час, а доколку пилотот има ветер кој удира во грб, брзината може да достигне и над 60 км на час. Височината секогаш зависи од воздушните струи но може да се достигнат и над 3500 метри надморска височина.

PWC-Macedonia-Martin-Scheel-web

Во Македонија постојат прекрасни услови за параглајдерство и истите привлекуваат голем број авантуристи како од земјава така и од целиот свет. Најчесто се полетува од Водно, Скопска Црна Гора, Попова Шапка, Крушево и Галичица. За да се применува овој спорт не постои горна старосна граница и не е задолжителна одлична физичка кондиција и физички предиспозиции но почитувањето на правилата и одговорноста при летањето се повеќе од задолжителни како и искуството кое се стекнува со подолга обука и истото постојано се надградува.

paragliding in ohrid

Во Македонија моментално постојат само 3 лиценцирани школи за летање со параглајдер: “Акро Македонија” и“Вертиго” во Скопје, и ”Делта”во Прилеп па доколку сте заинтересирани за параглајдерство не двоумете се да се зачлените во некој од овие клубови и да започнете да ги откривате убавините на овој спорт или барем да ги почувствувате височините заедно со искусен пилот во тандем лет.

 

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: