Прокрастинација: Вечен проблем и модерен предизвик

Септември и октомври се месеци на нови почетоци и нови академски предизвици за младите. Во денешницата, голем фактор во образованието е технологијата, а таа може да има и позитивно и негативно влијание врз младите и нивната способност за разбирање и учење на нештата. Еден од негативните ефекти на постојаната опкруженост со технологија е краткотрајното внимание и сериозниот проблем со прокрастинација, кој се јавува кај новите генерации.

Прокрастинацијата е, всушност, постојано одложување и одолговлекување на активностите и обврските кои треба да се завршат. Тоа е чувството на блага непријатност кога цело време одложуваме да ја испереме облеката, се до моментот кога повеќе нема чисти алишта во ормарот, или кога веќе една недела си велиме: “Е добро де, утре ќе одам да вежбам“, но сè уште не сме отишле. Прокрастинацијата се смета за нормално човечко однесување, но претставува навистина голем проблем за многу ученици во денешницата.

Колку и да се чини модерно, прокрастинацијата била тема на разговор дури и кај античките Грци, кои уште 700 години п.н.е. ги предупредувале своите сограѓани да не ја оставаат нивната работа за друг ден. Но, секој од нас има различна причина за ова, која што најчесто не се проепознава така лесно. Некои луѓе прокрастинираат, бидејќи немаат мотивација да извршат некоја важна задача што ја сметаат за предизвик и им буди анксиозност, па ја одложуваат се подолго и подолго за да не се чувствуваат непријатно. Но, ваквото одолговлекување предизвикува уште поголема анксиозност, бидејќи потсвесно знаеме дека се доближува крајниот рок за нејзиното завршување, а се уште не е ни почната. Тоа им се случува речиси на сите ученици кога имаат тест или испит по предмет што не им е интересен, па ја одложуваат подготовката се до последниот момент, кога не ни знаат од каде да започнат со учење. Тоа парцијално се случува и поради лошата временска организираност, но и стравот од неуспех. Понекогаш, неуспехот произлезен од недоволен напор звучи како подобра опција од вложување на многу напор и, сепак, постигнување на лош резултат. Ваквиот страв може да е резултат на перфекционизам, кој е често предизвикуван од одолговлекувањето. Чест пример за тоа е кога не сме подготвени да завршиме нешто, бидејќи сметаме дека ќе го завршиме нетемелно или несоодветно. 

Дополнително, една од главните причини зошто прокрастинацијата е застапена кај учениците е поради тоа што тие се постојано декоцентрирани заради сите екрани и модерни уреди. Ова е особено очигледно кај учениците од основно и средно образование, кои се постојано на апликации како Инстаграм, Твитер и ТикТок, на кои им посветуваат многу енергија  и фокус, па избираат со часови да гледаат во екранот наместо да учат или да завршат некоја друга обврска. Со секоја нотификација, осветлување на екранот или повик, тие целосно забораваат што учеле до тој момент и се посветуваат на виртуелниот свет. 

Прашањето што го мачи речиси секој човек во денешницата е: „Како да престанам да ги одложувам обврските?“. Проблемот со прокрастинацијата не е нешто што може да исчезне преку ноќ, а за да се подобри бара многу вложено време во потрага по решение. Бидејќи мора да се започне од некаде, правењето на распоред од нешта што треба да ги направите (и придржување кон истиот) е добар прв чекор. Но, на тој распоред не треба да има: “Сакам во среда да се качам на месечината“, туку специфични и реалистични цели кои нема да не истоштат. Некои од тие цели може да се поделат на помали делови за побрзо и поефикасно извршување, како на пример поделба на предметите што ќе ги учиме по денови. Еднакво важно е и да ги отстраниме нештата што не деконцентрираат и ни одземаат енергија. Кога еднаш ќе почнеме со извршување на задачата, треба целосно да заборавиме на видеата од ТикТок или таа една песна што ни се врти во глава, ама не сме ја слушнале со години и не ни текнува како се вика. Интернетот колку и да придонесува до ниска концентрација, сепак, може да помогне при надминување на проблемот со прокрастинацијата, преку користење на апликации и тракери за нашиот напредок. Освен со виртуелни тракери, напредокот треба да се споделува и со најблиските за да добиеме чувство на поддршка и разбирање.

Најважното за ефективен напредок е да нема срам или стрес околу ваквиот проблем. Се случува секому, без оглед на возраста. Но, не би можело да има напредок доколку нема одмор. Преку доволен одмор и правење активности што ги сакаме (без да мораме или да се брзаме за нив) може да се намали проблемот кај новите генерации и да се поправи нивното внимание и продуктивност во образовниот живот

(Авторска белешка: ми требаа 4 месеци за да седнам и да ја напишам темава ☺ )

Дела Додевска

Извори:

https://services.unimelb.edu.au/counsel/resources/study-related-issues/procrastination

https://www.ie.edu/center-for-health-and-well-being/blog/procrastination-psychology-effects-causes-strategies/

https://www.australiacounselling.com.au/procrastination-definition-examples-solutions-and-more/

Related posts