Идејата за оваа статија ми дојде на ум додека го изработував дизајнот за мојата претходна статија насловена „Лингвистичка таписерија на Балканот“. Отсекогаш ме привлекувала традиционалната облека од различни земји, особено разнобојните и сложените дизaјни извезени на неа. Па така, ова беше совршена можност да им направам интервју на Дамјан и Сара. Тие се двајца млади и амбициозни луѓе кои истовремено се сопственици на „Народни Носии“ – продавница лоцирана во срцето на Скопје. Дамјан и Сара зборуваа со нас за античките и деликатни техники на ткаењето на разбој и нивната љубов за зачувувањето на традицијата и традиционалната македонска облека.
Кога ќе влезете во продавницата, прво може да го забележите присуството на неколку кукли облечени во целосно традиционални облеки. Додека ги подготвував прашањата за ова интервју, дознав дека Дамјан е и колекционер на ваква облека, па природно, ги прашав дали тие се дел од нивната приватна колекција, а Дамјан појасни: „Па, не баш, работата е поделена на два дела. Едниот дел е мојата приватна домашна колекција што нема никаква врска со продавницата“.
Некои може да бидат изненадени од младата возраст на Дамјан и Сара, особено кога ќе откриете дека тие знаат да ткаат. Како и да е, сè почнува да има смисла кога ќе дознаете дека Дамјан е израснат во средина која вистински е фокусирана на традицијата, и нејзиното зачувување. Од гледањето слики на роднини во традиционална облека до наследувањето на парчиња кои биле направени и носени од роднините и сега се дел од неговата приватна колекција. Се прашував дали постои некое парче кое има поголема вредност од останатите. „Да бидам искрен, сите парчиња се вредни, но со најголема вредност се оние од нашите предци, односно, од моето семејство“, појасни Дамјан.
Навистина е интересно да се знае дека ткаењето било некаква појдовна точка за пасијата кон традиционалната облека. Уште поинтересно е да се знае дека сегашниот бизнис почнал како случајно откритие. И покрај тоа што ткаењето почнал да го изучува од баба му на 15-годишна возраст, дознавме дека, всушност, тој самиот го побарал тоа. „Искрено, таа не сакаше да ме научи. Но, сепак се случи спонтано откако гледав некое Јутуб видео, за жени во Србија, кои ткаат килими и се познати ширум светот“. Иако отпрвин одбивала да го научи, сепак му помогнала да ги усоврши сите комплексни процеси на ткаењето.
Сега, веројатно се прашувате од каде идејата оваа страст да се претвори во бизнис. Па, Дамјан и Сара отсекогаш размислувале дека ако ткаењето стане сериозно, треба да започнат бизнис, „да им покажат не само на младите луѓе, туку на сите, дека ткаењето не е изумрено, дека младите луѓе учат и го практикуваат“. Овој сон стана реалност благодарение на грантот кој го добиле од Агенцијата за вработување, која им помогнала да започнат бизнис од нула. Од реновирање на местото, до материјали како ткаенини, па дури и уште еден разбој.
Бев многу љубопитна околу профилот на посетителите, имајќи предвид дека зборуваме за традиционална облека. На почетокот, мислев дека странците би биле главна клиентела. Сепак, се чини дека Македонците се главната база на потрошувачи, особено фолклорни ансамбли, кои нарачуваат на големо. Понатаму, мислам дека сите ќе бидат изненадени кога ќе дознаат дека „Народни Носии“ е, всушност, единствената продавница во Македонија која продава традиционална облека за која може да видите како е изработена. Со оглед на тоа дека парчињата се рачно изработени, секое од нив е уникатно. Како што ни покажа Дамјан, некои имаат додатни обоени детали или пошироки елементи. Настрана од ансамблите, некои мештани или Македонци што живеат во странство купуваат работи за да ја зачуваат традицијата и да носат традиционална облека. Од друга страна, туристите најчесто купуваат мали сувенири или продукти како ремени, шалови, или елеци кои може полесно да се носат во секојдневниот живот.
Но, „Народни Носии“ не е само бизнис. Покрај тоа е и начин, особено за младите луѓе како Дамјан и Сара, да ја запомнат нивната традиционална облека и најважно – нејзиното културолошко значење. Како што ни кажа Дамјан, можеби некои семејства немаат злато или пари да им остават на новите генерации, но сепак, можеби поседуваат некое парче фолклорна облека која на некој начин е директна оврзаност со нивните предци. И тоа е највредното нешто, бидејќи секогаш е најважно да се запомнат корените и потеклото. Ова е поврзано и со мислата на Дамјан во врска со македонската традиционална облека. Тоа е дека сите треба да се потрудат да ја зачуваат нивната традиција, без оглед дали е тоа облека, музика, инструменти, па дури и усна традиција. Ако сите би работеле на оваа заедничка цел, тоа би било добро не само за нас како индивидуалци, туку и како целина.
Ова интервју, особено последниот дел, нè охрабрува да рефлектираме околу традицијата на нашата држава и фолклорот. Овие културни елементи многу често се земаат здраво за готово, на начин на кој не сфаќаме дека заедно треба да вложиме труд да ја задржиме и шириме. Како и да е, ако никој не го пренесе знаењето, ризикува тоа да биде заборавено. Можеби сите треба да земеме малку време да рефлектираме на нашите традиции, и како може да придонесеме да се пренесуваат.
За крај, би сакала уште еднаш да им се заблагодарам на Дамјан и Сара што се согласија да го направат ова интервју! Исто така, да му се заблагодарам на мојот колега Јакуб, кој ме придружуваше на интервјуто. За мене, беше интересен предизвик да се направи на македонски јазик, иако не го зборувам течно. И се надевам дека оваа статија ќе ве натера да ја посетите нивната продавница.
Клое Гаши
Превод: Мартина Даниловска
Најдете ги на:
Narodni Nosii, ul. Dimitrie Cupovski 2A, Skopje, 1000instagram: @narodninosii33


Leave a comment