Моја верзија на една биографија

Често пати сум се прашувал што треба да имам направено за да можам да си напишам и објавам своја биографија. Колку и какви дела треба да имам постигнато за да бидат тие доволно важни за објавување? Мислам дека мерилата за различни возрасти се различни.

Она што би сакал да го издвојам и да го споделам со другите е дел од мојата приказна.

Роден сум на дваесет и третиот ден од месец септември, 2012 година, на почетокот на есента, после долго и измачувачки топло скопско лето. Првите фотографии од мене покажуваат здраво, екстра бело бебе со румени образи. Според кажувањата на мајка ми и останатите, сум бил мирно и мило бебе кое дури и не знаело да плаче.

Придавката „мирно“ се заменила со „палаво“ околу деветиот месец од мојот живот. Тоа е времето кога мистериозно сум исчезнал со лазење на вториот кат од куќата, додека баба ми ми ја подготвувала кашичката. Мене сето ова ми е смешно на раскажување, но мислам дека на баба не ѝ било воопшто.

Своето предучилишно детство го памтам како едноставно и полно со игри и палавости. Мојот главен интерес секогаш биле коцките, од Лего па до најевтините, потоа автомобилите и сите видови оружја на витези.

Со мајка ми правевме мечеви и штитови од картон. Беше забавно. Сакав приказни и уживав да ги слушам. Сакав и цртани. Ги сакам и сега, ама тогаш на цена беа Нинџа желките. Тоа беше пресудно.

Станав член на карате клуб на свои 5 години, кога уште се мислев која од рацете ми е десна и дали тоа важи на ист начин и за нозете. Тренирам цели 8 години. Тоа е мојот најголем успех надвор од училишните рамки.

Сега сум до црн појас, имам бројни награди и медали. Сум бил шампион и вицешампион на републичко ниво. Сега малку одмарам од сето тоа, за да видам што понатаму.

Во однос на другите искуства, можам да кажам дека втора љубов ми е пливањето. Најдобро во море, секако.

Од првото одделение сум одличен на училиште и често пофален за различни предмети. Можеби сега треба да кажам дека сум посебен. Сум, како што е посебно секое суштество на планетата.

Можеби ова не е голема биографија, но е моја. Составена од мали моменти, игри, успеси и искуства што ме направиле тоа што сум денес.

А мојата приказна… сè уште се пишува.

Теодор Ѓорѓиевски 

Related posts