Ајде да си помуабетиме…

Понекогаш ми се чини дека првиот впечаток не се случува кога ќе се запознаеме со некого — туку многу порано, некаде длабоко во нас. Како да секој нов човек доаѓа во веќе подготвена приказна, а ние само му доделуваме улога. 

И тамам мислиш дека си го запознал — сфаќаш дека всушност си го „препознал“. 

Седам и си мислам — дали навистина нема простор за втор впечаток, или тоа е само уште една од оние реченици што звучат премногу сигурно за да бидат целосно вистинити? Првиот впечаток го славиме како пресуда донесена во миг, како нешто што нè дефинира пред воопшто да имаме шанса да се објасниме. Но кој судија пресудува толку брзо — разумот или стравот? 

Стереотипите и предрасудите, колку и да не сакаме да признаеме, се како кратенки на мислењето. Ни заштедуваат време, но ни крадат вистина. Ние не го гледаме човекот, туку неговата категорија. Не го слушаме гласот, туку претпоставуваме што ќе каже. И токму тука се раѓа првиот впечаток — не како откритие, туку како компромис помеѓу она што го гледаме и она што веќе сме одлучиле да веруваме. 

А колку е тој впечаток точен? Можеби доволно за да функционираме, но ретко доволно за да разбереме. Вистината, ако воопшто сакаме да ја наречеме така, бара време. А ние сме нетрпеливи. Сакаме веднаш да знаеме кој ни одговара, кој не, кој вреди, a кој не. И така, одлуките што треба да се развиваат низ искуство, ги носиме во неколку секунди. 

Прашањето е — дали е тоа правилно? Дали треба да се потпираме на нешто толку брзо и толку несовршено? Или пак тоа е неизбежен дел од човечката природа, како рефлекс што не може да се исклучи? 

Некои ќе речат дека постои „енергија“ меѓу луѓето, некаков невидлив закон што ги поврзува или оттурнува. Но ако навистина постои таква равенка, таа сигурно не е едноставна. Не е формула што можеме да ја пресметаме. Повеќе како во економијата отколку во физиката — со закони што важат во тенденција, но секогаш со безброј исклучоци. И токму тие исклучоци го прават светот интересен, непредвидлив… човечки. 

И тука доаѓа дилемата што тивко ме прогонува: дали повеќе би сакала да имам моќ да го вратам времето и да ги поправам првите впечатоци, или пак да ги знам сите тие исклучоци однапред? Да не грешам во проценките, да не пропуштам луѓе, да не оттурнам некого што можеби требало да остане. Но можеби одговорот е поедноставен отколку што изгледа. Можеби не треба ниту да се враќаме назад, ниту да знаеме сè однапред. Можеби треба да дозволиме времето да ја заврши својата работа. Да не му веруваме слепо на првиот впечаток, но и да не го оттурнеме целосно. Да го сфатиме како почеток, а не како заклучок. 

Зашто ако нешто вреди, нема да се изгуби во првите неколку секунди. А ако се изгуби — можеби никогаш и не било навистина таму. 

…или можеби грешам. 

Можеби вие имате поинакво искуство, поинаква логика, поинаков „закон“ по кој ги читате луѓето. Можеби за некого првиот впечаток е единствениот што некогаш навистина значел. А можеби некој научил дека највредните приказни почнуваат токму откако првиот впечаток ќе се распадне. 

Па ајде да си помуабетиме до крај. 

Ако имаш свое видување, своја дилема или свој одговор — напиши го. Продолжи ја мислата во следниот „ВОИСЕС“. Искрено, го чекам со нетрпение. 

А дотогаш… ќе оставам малку простор да не бидам во право.
Ако ништо друго, барем разговоров ќе продолжи.

Се читаме,
Анастасија Ѓорѓиевска 

Related posts