Детски брак

Невестата оди накај олтарот носејќи прекрасен бел фустан. Нејзиното лице е покриено со тешка, шминка како маска и нежен вел врз нејзината глава. Нејзините мали рачиња коишто го држат букетот се тресат.

Мали рачиња во кои треба да го држи своето омилено плишано мече – невестата е само дете.

Ова се случува многу почесто отколку што мислите.

УНИЦЕФ објавува дека една од пет жени на возраст од 20-24 години се омажени како деца, проценувајќи дека 640 милиони живи девојчиња и жени биле омажени во своето детство. Детски брак се однесува на свечена или несвечена заедница помеѓу дете и возрасен или пак друго дете. Иако тоа непропорционално влијае врз девојчињата бидејќи е воедно и симптом и резултат на длабоко вкоренети полови нееднаквости, може да делува и врз момчињата. Од околу 300.000 деца кои се венчале во Соединетите Американски Држави помеѓу 2000 и 2018 година, мнозинството биле млади девојчиња кои се омажиле за возрасни мажи, впечатлива манифестација на половата нееднаквост. Без разлика на условите, детскиот брак е значаен прекршок на човековите права бидејќи ниедно дете не може да даде слободна и информирана дозвола за брак, како и очекувањата поврзани со тоа. Овие деца се лишени од секаква телесна автономија којашто им треба да им следува.

Од детските невести се очекува да бидат домаќинки, да преземат одговорности како готвење, чистење и раѓање деца пред да се физички или емоционално спремни. Во многу случаи, не се ни законски во можност да се согласат на сексуална активност. Влијанието врз детското тело и ум може да биде ужасно, со рана бременост и породување кои претставуваат сериозни здравствени ризици и остануваат водечка причина за смртта кај малолетните девојчиња во заедници каде што е често застапен детскиот брак. 

За едно дете, бракот често значи да бидеш одведен од своето семејство и да си принуден да го напуштиш образованието. Ова може да предизвика социјална изолација, ограничување на шансите за стекнување финансиска слобода и долготрајни ефекти врз развојот и општиот квалитет на живот.

Овие неповолности можат да бидат пренесени на нивните деца, продолжувајќи го циклусот на злоупотреба и сиромаштија. Понатаму, девојчињата не се само финансиски туку и физички, психолошки и законски целосно зависни од значително постарите сопрузи и нивните семејства, што ги изложува на ризик од семејно и полово насилство. Без разлика на овие ризици, детскиот брак останува легален во 33 држави во САД, што создава можност за заобиколување на законите, кој им дозволува на возрасните да избегнат кривично обвинување за обљуба врз малолетно лице при одредени услови.

Речиси 12 милиони девојчиња секоја година се венчаат пред да наполнат 18 години, што значи дека 23 девојчиња се венчаат секоја минута. Индија сама придонесува со една третина од детските невести во светот.

Сепак, нема потреба да ја изоставиме Европа за да ги погледнеме детските невести.

Иако стапувањето во брак на возраст помала од 18 години е забрането во Македонија од донесувањето на Законот за семејството во 1992 година, детското венчање продолжува да се случува. Во 2019 година, 8% од сегашните 20 до 24-годишни жени биле неофицијално венчани на помалку од 18-годишна возраст. Локалните невладини организации проценуваат дека вистинската застапеност може да биде трипати поголема бидејќи многу вакви бракови не се регистрираат, особено во ромските заедници.
Иако бројката се намалила во последните години, таа сѐ уште не е нула. Ова ја прави работата на организациите како Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, предводен од неговата претседателка Ирена Велкоска, сѐ уште потребна и релевантна. Ирена тврди дека организацијата се фокусира на идентификување и справување со основните причини за детскиот брак. Една од тие е сиромаштијата. За да се справат со тоа, тие ги поддржуваат децата во нивното образование и потоа им помагаат да најдат работа, давајќи им можност финансиски да се осамостојат и сами да донесат одлука во врска со својот брак. Ова може да помогне со промена на перцепцијата за бракот, од трансакција во одлука основана врз љубов и лична одлука. Во еден случај му помогнаа на девојче да најде работа, но притисокот од семејството и заедницата го принудија да стапи во брак со цел да се зачува семејната чест, што укажува на друг проблем при спречувањето на детските бракови: социјалните норми, очекувања и перцепции.

Овие норми продолжуваат да овозможуваат детски брак со тоа што го претставуваат како нормално или прифатливо. Верувањето дека возрасен маж може да побара девојче за пари е длабоко вкоренето во патријархалните верувања каде што девојчињата и жените се гледани како сопственост или финансиски товар бидејќи од нив не се очекува да заработуваат пари за семејството. Едно 12-годишно девојче беше предадено за брак откако нејзиниот татко го довел семејството во значителна сиромаштија со своите загуби во кладењето. Друго 14-годишно девојче му кажало на Центарот дека од неа било очекувано да се омажи за маж во четириесеттите години бидејќи ветил дека ќе ги отплати долговите на семејството. Ова можело да биде спречено и стои како пример за потребата од  образување на децата за нивните права, но и потребата да се подигне свеста меѓу родителите во заедницата.

Уште еден предизвик е недостатокот на соодветна документација. Многу деца ги немаат потребните официјални документи, а некои немаат ниту извод од матична книга на родени. Извод од матична книга на родените служи како доказ за возраста на детето и може да биде неопходно за пристап до здравствена грижа, социјална помош и образование. Без соодветна документација, децата можат да станат уште толку незаштитени и имаат поголеми тешкотии при пристапот до услугите и службите кои им следуваат.

Колку и да не ни се чини дека е така, сите можеме да имаме важна улога во спречувањето на детскиот брак. Една од најдлабоко вкоренетите причини е половата нееднаквост. Спротивставувањето на патријархалните структури и верувања коишто ги претставуваат девојчињата како инфериорни во однос на момчињата е неопходно. Ова може да започне со нешто како гласно спротивставување против деградирачки шеги за девојчињата, особено девојчињата ромки и оспорување на дискриминација во нашето секојдневие. Проговорувањето помага да се подигне свеста во нашите заедници и да се оспорат штетните стереотипи. Исто така можеме да преземеме подиректна акција преку поддржување на младински и женски организации кои соработуваат со деца и семејства изложени на ризик од детски брак.

Детскиот брак не е далечен проблем. Тој е светски проблем кој влијае врз деца од секакви култури, држави и вери, но мора да се оспори и да се спречи насекаде. Тој е резултат на токсична мешавина од социјални и економски нееднаквости вкоренети во половата нееднаквост. Ниедно дете не треба да е присилено да стапи во улога на возрасен, да го остави семејството зад себе, само за да стане роб на оној што понудил најмногу и за неговото семејство.

Нели Винзер

Превод: Андрија Крстиќ

Is an End to Child Marriage within Reach? | UNICEF DATA

Child Marriage in the United States | Equality Now 

About child marriage | Girls Not Brides 

North Macedonia (MKD) – Demographics, Health & Infant Mortality | UNICEF DATA

Related posts