Младите го менуваат општеството

При крајот на август 2026, Струга беше центарот на младите умови. Од 22 до 29 август, Волонтерски Центар Скопје беше домаќин на билатералната младинска размена: “Young Civil Society”, во соработка со Europa luvenis од Полска.

Вкупно 24 млади луѓе на возраст од 15 до 21 година се собраа на едно место да дискутираат, учат и споделуват идеи околу младинското учество во нивното општество и како тие можат да бидат носители на промени во своите средини. Преку интерактивни работилници, дебати и неформално образование, тие седум дена беа исполнети со разни искуства, запознавање на нови култури и правење на безброј нови пријателства.

Сепак, најбитно е да слушнеме што тие имаат научено од овој проект:

Јана: Да се биде лидер на еден прекрасен тим е навистина голема чест. Благодарна сум и многу ми е драго што токму јас ја имав можноста за соработка со толку прекрасни луѓе. Иако доаѓаме од различни средини и култури, преку активностите, разговорите и времето поминато заедно се создаде пријатна атмосфера од која произлегоа многу блиски пријателства. Јазичните и културните разлики не претставуваа пречка во дружењето со нашите пријатели од Полска. Напротив, токму тие разлики ја направија оваа младинска размена една што ќе се памети.

Лара: Дефинитивно би сакала да издвојам неколку работи што ми оставија силен впечаток за време на проектот. Како прво, сфативме особено преку нашите секојдневни сесии и работилници – дека и ние, младите, играме значајна улога во процесот на менување на заедницата. Секој од нас може да сподели идеи или решенија што би ѝ помогнале на нашата заедница. Друг момент што особено ми остана во сеќавање се културните вечери на кои се претставија Македонија и Полска. Ги споделувавме нашите традиционални јадења, како полските кнедли и македонскиот ајвар, и уживавме учејќи нови танци некои беа потешки, други полесни, што го правеше искуството уште повозбудливо, а притоа и многу се зближивме. Тоа за мене претставуваше незаборавен дел од проектот.

Нино: Во овој проект имав можност да научам повеќе за тоа како ние, младите, имаме моќ да направиме промени во нашата заедница; тој ми помогна да разберам како да преземам иницијатива, како да започнам кампања или петиција, како и како да ги анализирам проблемите во мојата заедница и да најдам решенија за нив. Дефинитивно ми помогна да сфатам дека младите имаат свој глас и ме инспирираше не само да ги разберам проблемите во мојата заедница, туку и да преземам нешто во врска со нив. Разменивме различни идеи и искуства на оваа тема со учесниците од Полска, а притоа научивме и повеќе за културата на другите, што е една од најдобрите страни на ваквите проекти. Ова не беше мојот прв проект во рамките на „Еразмус“, но дефинитивно беше еден од моите омилени.

Давид: Учеството во овој проект беше одлично искуство преку кое научив повеќе за тимската работа, комуникацијата и важноста од тоа да бидам активен во мојата заедница. Навистина уживав во запознавањето нови луѓе, споделувањето идеи и учеството во активности што ми помогнаа да станам посигурен во себе и поотворен кон нови гледишта.

На крајот на ваквите проекти сфаќаме дека „Еразмус+“ е многу повеќе од патување или сертификат. Преку “Young Civil Society”, Струга стана место каде 24 млади луѓе ги покажаа своите визии, идеи и нивната храброст за позитивни промени и тие се спремни да покренат иницијатива и да направат промени во своите заеденици.

Нино Ѓорѓиевски

Related posts