Во последните неколку години индустрискиот стил на мебел го презеде светот со неговата автентичност, минимализам и модерен дизајн. Баровите, рестораните и продавниците го обожаваат и го користат се почесто и почесто во последно време, особено затоа што има едноставен а сепак стилски изглед кој го привлекува вниманието на посетителите. Но кога станува збор за индустриски стил во нашите домови постојат неколку правила кои мораме да ги почитуваме со цел да креираме амбиент во кој ќе можеме да уживаме, живееме и сакаме. Шемата на дизајнот главно се сведува на спојување на тврди и необработени материјали со чисти завршетоци и декорации. Постојат неколку работи кои мора да се имаат во предвид кога декорираме соба со индустриски стил како што е осветлувањето, ѕидовите, подот и растенијата.
Кога избираме осветлување треба да се осигуриме дека сме во правилна насока со избирање на лустери во црно-бела или метална боја. Може да користиме лустери изработени од жица и изразени сијалици. Најпопуларен завршеток на ѕидовите е необработената тула ( која може да биде оставена црвена или да се обои во бело). Кога станува збор за подот, дрвото е секако правилен избор. Чергички и мали теписи се опционални доколку сакате да додадете малку топлина во вашиот простор. Металните столици и клупи се соединуваат убаво со целиот простор а исто така може да се додаде и големо парче на украс или слика доколку сакате да креирате централна точка во просторијата. Сега да зборуваме за растенија. Мојот омилен дел. Растенијата придонесуваат за живот и свежина во просторот и многу добро одговараат со индустрискиот стил на уредување. Може да искористите разновиден број на различни видови на растенија почнувајќи од фикуси па се до кактуси. И за крај, искористете метални цевки за да креирате полици, рамка за кревет, простор за закачување на алиштата и осветлување.
Па ако имате во план да декорирате дома и сакате да креирате нешто поразлично а сепак комфорно и стилски, не се двоумете во помислата да вложите во неколку парчиња индустриски мебел. Еве и неколку слики за да ви помогнат да се инспирирате и да ја сфатите идејата за овој уникатен и забавен стил. Уживајте…
Емилија Апостолова


Leave a comment