Постои одредено насилство во тоа да се гледа некого како исчезнува додека сè уште дише. Не мислам на драматичното распаѓање, светлата од брза помош, болничките прекривки кренати до под брадата. Мислам на бавната ерозија. Начинот на кој смеата се ублажува во заплеткан говор. Начинот на кој еден извонреден ум започнува да пропаѓа, па така детето со кое се здружив во училиштето во моето село, кое беше баш како мене, стана сенка.
Морав да одам на премногу погреби за луѓе кои беа помлади од моите родители. А, немав доволно храброст да одам. Многу ковчези спуштени во влажна земја, додека дождот паѓаше како да му се извинува за светот. Сум видел мајки како стареат децении во едно попладне. И секој пат, сум го почувствувал истиот студен бес како ми се прикрадува во градите, не само кон дрогата, не само кон алкохолот, туку и кон системот кој ги спакувал тие отрови во светли бои и го нарекол тоа слобода.
Тие не одбраа да умрат.
Тие одбраа да припаѓаат. Тие одбраа да отрпнат. Тие го одбраа единствениот пат за бегство кое им го понудило алчното општество. И тоа е најсуровиот трик од сите: консумеристичката машина не мора да те принудува да го проголташ нејзиниот отров. Само треба да те увери дека проголтувањето е твоја идеја. Моите пријатели беа проголтани многу време пред да бидат пронајдени од иглата или шишето. Беа проголтани од неон светлото од билбордите кои ветуваа среќа во чаша. Беа обземени од култура која ја мери вредноста по тоа колку можеш да потрошиш, колку брзо можеш да заборавиш, колку тивко можеш да го прифатиш бавното откажување на својата иднина. Им била продадена лагата дека задоволството е исто што и смислата, дека бессознанието е исто што и мирот. И поверуваа во тоа. Не затоа што беа слаби. Туку затоа што беа уморни.
Уморни бидејќи беа пратени кон живот кој не го посакуваа, бидејќи ни системот не им помогнал, потоа беа уморни и од работни места кои ги третираат како резервни делови. Уморни од тоа да гледаат кон тавани кои се чинат сè пониски со секоја измината година. Уморни од свет кој им дал хипотека, телевизор, кредитна картичка, и пакување пиво и го нарекол тоа живот. Дрогата беше само последното поглавје. Вистинската зависност започнала денот кога престанаа да веруваат дека било што друго е возможно.
Се сеќавам на утринските неба откога умре мојот прв пријател. Беше посиво. Постудено. Изгледаше поблиску, подготвено да ми падне на глава ако не внимавав.
Се сеќавам како стоев на паркинзи по училиште, чекајќи да ме земат, не знаејќи како ќе ѝ кажам на мајка ми што се случи, и чувствувајќи како нешто во мене се зацврстува. Одбивање. Бунт. Мислам дека уште оттогаш бев панк, но тука беше нешто уште поголемо. Беше одбивање да се биде утешен до послушност.
Ако ова општество сака да бидам отрпнат, морам да бидам бистар.
Ако сака да бидам послушен, морам да бидам опасен.
Ако сака да трошам, ќе се контролирам.
Ако сака да бидам заспан, ќе останам буден да го набљудувам.
Трезвеноста, за мене, не е апстиненција. Таа е чин на бунт.
Секое утро кога се будам без маглата од вчерашната прекумерност е утро кое го истргнувам од машината. Секој спомен кој го чувам недопрен е среден прст кон индустриите кои профитираат од заборавот. Секој разговор кој го паметам, секое одржано ветување, секоја солза за која сум доволно трезвен да ја пуштам, токму овие се мали бунтови.
Но, тие се мои.
Лут сум. Толку лут што понекогаш не можам да дишам. Лут на фармацевтските раководители кои си ги бројат бонусите додека телата се натрупуваат. Лут на компаниите за алкохол кои ја обојуваат среќата во нијанси на килибар и злато додека се распаѓаат семејства. Лут на културата која ги погледнала моите убави, скршени пријатели и видела само потрошувачи кои треба да се цедат додека не им се исушат жилите.
Но, ако ја држиш лутината доволно блиску, ќе стане оган. А, оганот може да осветли. Оганот може да прочисти. Оганот може да биде подаден од човек на човек во темнината.
Засекогаш ќе ги паметам пријателите, никогаш нема да заборавам што конзумеризмот им направил, умот ми останува бистар за да бидат моите постапки прецизни.
Артур Бонур–Толфо
Превод: Марија Контеска


Leave a comment