Постои нешто необично во чувството да се разбудиш на место каде што никогаш не си бил. Нов брег, нов хоризонт, нова приказна. Понекогаш е доволен само еден поглед кон морето за човек да сфати колку многу светови постојат надвор од неговата вообичаена рутина. Можеби токму затоа некои патувања остануваат со нас многу подолго од времето што навистина сме го поминале на нив. Не поради далечината што сме ја поминале, туку поради сè она што сме го откриле по патот.
Едно такво патување беше нашето еднонеделно едрење низ Балтичкото Море со бродот Helena, од Турку до Хелсинки.
Турку, најстариот град во Финска и нејзин поранешен главен град, со векови бил важна врска меѓу скандинавскиот и балтичкиот свет. Хелсинки, пак, денес е град што живее во ритамот на морето. Меѓу нив се простира Балтичкото Море — мирно на прв поглед, но доволно широко за секој ден да изгледа поинаку. Од неговата површина никнуваат безброј острови, како случајно расфрлани камчиња што морето никогаш не ги прибрало. Пловејќи низ нив, секое утро изгледаше како да се будиме во нов свет. Понекогаш бродот беше опкружен со мали карпести острови, понекогаш со борови шуми што се спуштаа до самото море… Во таквите утра, светот изгледаше малку поширок, а можностите малку побројни отколку претходниот ден. Секој нов брег беше потсетник колку мал дел од светот навистина познаваме. На Själö, тишината имаше речиси опиплива тежина, исполнета со историја на изолација и живот што се насобрал низ времето. На Jussarö, некогашен рударски остров, напуштените објекти потсетуваа дека природата секогаш наоѓа начин да си го врати просторот. На Högsåra ја доживеавме финската сауна — едноставност во која топлината, тишината и природата се спојуваат во едно чувство што не бара објаснување.
Но колку и да беа впечатливи островите, тие не беа центарот на нашето искуство. Центарот беше бродот.
На Helena бевме дваесет и четворица учесници од Македонија, Финска и Латвија, заедно со петчлен екипаж. Животот на бродот беше прецизно организиран. Денот започнуваше во 7:30 со појадок, по што следеше состанок на палубата. Во 9:00 тргнувавме кон нова дестинација. Бевме поделени во четири групи кои се менуваа на секои два часа. Една група беше на надвор на палубата, друга подготвуваше оброци, трета се грижеше за чистење, а четвртата одмараше. Ротацијата се повторуваше низ целиот ден.
Помошта престануваше да биде услуга и стануваше навика. Одговорноста престануваше да биде лична и стануваше заедничка. Полека, групата се претвораше во екипаж. Капетанот и неговиот тим нè учеа како се чита ветерот, како се подигаат едрата и како се управува брод што се движи со сила што не се гледа, туку се чувствува. Никогаш не сум мислела дека ќе научам да управувам со едреник — уште помалку на Балтичкото Море.
Можеби затоа најсилните спомени не се врзани за места, туку за луѓе: за разговорите на палуба, за ноќните дежурства, за заедничките оброци и за тивкото разбирање што се создаваше без многу зборови. Имаше нешто особено во крајот на секој ден. Откако ќе се закотвевме, разговорите стануваа потивки, а никому не му се брзаше да го напушти погледот кон морето.
Летните вечери во јужна Финска се неверојатно долги. Сонцето заоѓаше дури околу 23 часот, па светлината уште долго остануваше над водата. Островите на хоризонтот добиваа речиси нереални контури, а времето како да течеше побавно.
Токму во тие долги вечери, гледајќи од палубата, почнав да размислувам колку чудно функционираат нашите желби. Со години посакуваме нешто, а кога конечно ќе се случи, често забораваме да застанеме и да го препознаеме. Да си кажеме: „Еве го. Ова е тоа.“
Можеби токму во тие моменти ја сфатив најважната лекција од ова патување. Ако нешто доволно силно го посакуваме… некогаш навистина ќе стигнеме до него. Но наша задача е да не го пропуштиме моментот додека сме таму.
Бидејќи најважниот дел од патувањето никогаш не е дестинацијата. Туку сознанието дека додека сме биле зафатени да стигнеме некаде, веќе сме го живееле она за што сме сонувале.
Таму каде што некогаш посакував да бидам —
Анастасија Ѓорѓиевска


Leave a comment