Што го прави друштвото успешно?

Како што пополека поминуваат моите универзитетски години (и најверојатно ќе дипломирам пред да се објави ова), не можам, а да не се навраќам на врските кои ме оформија како личност, врски што ги стекнав за време на моите студии. Кога првпат стапнав на универзитетско тло, имав само една единствена визија: да го најдам моето совршено друштво.

За време на првиот месец, суптилно се создаваше преку возбудливи разговори за заеднички интереси. Потоа, се разви додека шепотевме за факултетски напори. Па се изрази во спонтани патувања во Скопје и пошироко. Набрзо се претвори во одолговлечени средби за учење, смешни ноќи за презентации, родендени со тематика, одмори, книжевна промоција, па и меѓу други работи организирање на сопствена апсолвентска забава.

Бев таму за тетоважи, бев сведок на тоа како се унапредуваат на работа и како бараат стан. Ги имам видено луѓево како се смеат до даска. Кога плачат, целиот свет се руши, а тоа што останува е да ги соберам неговите парчиња и да ги составам пак. Ова можам да го објаснам само со македонската фраза „знам како дишат“.

Инспирирана од наше неодамнешно излегување после долго време, се обидов да го одговорам ова прашање што ми се појави в глава:

„Што е тоа што е успешно за нашето друштво?“

Затоа, се одлучив да го направам тоа преку овој текст. Овие неколку карактеристики ни доаѓаат природно, па може ќе ви помогнат да развиете нови идеи за вашето друштво.

Имате традиции што сами си ги основате

Мојот случај потекнува од едноставен факт. Ако имате до 27 години, можете бесплатно да се возите со воз до која било дестинација во Македонија од петок до понеделник во првата и третата недела од месецот. Затоа што Велес ни беше најблиското достапно место, а една од нашите другарки е од таму, сметавме дека ни беше добра прилика да посетиме град кој повеќето од нас не го знаеја доволно. Без разлика што времето беше тмурно, сè уште се сеќавам на топлината од вкусната храна во еден од пабовите и таа што зрачеше од моите пријатели кога нè поздрави маче кај станицата. На тој мартовски ден, одлучивме ова да го тераме годишно. Во 2024, го прошетавме цел град и се качивме на една од неговите највисоки точки откако ни беше мачно да ги надминеме скалилата. Во 2025, отидовме со кола и бевме на излет близу езерото Младост. Во 2026, измешавме сè и сешто (нормално, без скалите) и си игравме со фризби заедно со едни основци. Ваквиот ритуал може да створи добра приказна во иднината, се докажа како сеќавање кое сè уште го спомнуваме во разговор, а најважно од сè, тој е ветување за повторно да се видиме.

Аргументи и компромис отколку расправии

Секако, друштвото понекогаш ќе има различни гледишта за некоја тема. Но важно е да не се мисли дека различното размислување е личен напад кон одредена личност. Треба да се даде шанса на секој што ја раскажува приказната и треба да се донесе заеднички заклучок зависно од ситуацијата. Разликата меѓу аргументите и расправиите е тоа што аргументите се случуваат поради почитување на другиот и поради способноста да се обезбеди простор и за себеси и за останатите вклучени личности, додека расправиите се развиваат од приоритет само за своите потреби и неспособноста човек да се смири. Ако навистина се грижите за своето друштво, тогаш посакувате да ги сослушате дури и да не се согласувате со нив. Ова може да се постигне само преку емпатија, а таа е основа за секое успешно пријателство.

Отворено комуницирате

Сè уште се сеќавам на поука која ја научив од една од моите другарки: ако нешто ти смета, јасно и гласно кажи си го, затоа што твојата намера нема да се сознае ако не ја кажеш. Вашите пријатели не се волшебници што знаат каде ви тераат мислите, па ако чувствувате дека нешто не е во ред, подобро е да се искажете отколку да дозволите да ви пречат на вашите мисли. Можеби тешко е да сте искрени и овие разговори можат да болат, но пријателството се развива со верба. Многу е полесно да се расчисти лажната претпоставка додека ја гледате како претпоставка, отколку како вистина која вашиот мозок ве убедува дека е реална. Непријатните разговори понекогаш се потребни за некое друштво вистински да е блиско, затоа што тоа што најмногу значи е како ги признавате своите вини и ги пребродувате заедно.

Не се плашите од автентичноста

За на крај, секое друштво прифаќа свој начин на изразување. Наместо да се вклопуваат со останатите, друштвото поседува своја уникатна претстава базирана и на индивидуален и на заеднички израз. Една од моите другарки ја вклучува црната боја во нејзината облека. Друга е опседната со боите на осумдесеттите години од минатиот век. Трета изгледа како да излегла од Pinterest. Сите сме различни, но кога сме во иста соба, нашите разлики само ги истакнуваат нашите сличности. Едноставно кажано, правиме смисла како друштво. И не треба да се објаснуваме на други.

Овие карактеристики не ја покажуваат целосната слика ни на моето, ни на други друштва. Сепак, сметам дека е важно понекогаш да се навраќате на своите врски, особено ако почнувате ново поглавје од вашиот живот. Дури и моето друштво не беше исто како во минатото, но тие што дојдоа и останаа навистина ми покажаа колку вреди да го делам својот живот со толку неверојатни луѓе. Ако го прочитавте ова до тука, тоа што го прави друштвото успешно е тоа да се вложува труд за да си дел од него. Кажете им на вашите пријатели дека сте тука за нив.

Симона Јолеска

Related posts