„REHEARSAL FOR LIFE“ беше првиот дел од долготраен тренинг курс за ТЕАТАР НА ПОТЧИНЕТИТЕ кој се одржи од 10-ти до 19-ти Февруари во Приштина, Косово. Активностите се одржуваа во Рекреативен центар кој беше лоциран во прекрасниот национален парк Гермија во близина на Приштина.

Волонтерскиот Центар Скопје како партнер организација испрати тројца претставници, Фјола, Реџеп и Аврам кои беа активни во текот на целиот процес.
Главната цел на овој проект беше да се зголеми капацитетот на секторот за младинска работа со тоа што ќе се зголеми вклученоста на младите кон социјалните процеси и нивна промена. Методологијата која се користеше беше „Театар на Потчинатите“, којашто цели кон тоа да ги направи луѓето да искусат и да разберат како со промената на нивниот став, однесување и размислување може да имаат силен ефект врз нивниот живот како и врз животите на оние околу нив. Оваа ефикасна методологија за справување со социјални проблеми нажалост не е многу позната, а уште помалку применета.

Ние се фокусиравме на форум театар и на сликовниот театар, методи кои се применуваат под чадорот на „Театар на Потчинетите“. Форум и сликовен театар се многу приспособливи кон потребите на разновидни заедници со огромен капацитет да се покријат секаков вид проблеми: проблем со човекови права, злоупотреба на моќ, недоволно активизам, дискриминација, отфрленост од останатите, живот во сиромаштија, маргинализација, ксенофобија и слично. Овие методи преку креативен пристап нудат простор луѓето да ја разгледаат ситуацијата и да најдат решенија кои подоцна ќе ги префрлат и применат во нивните животи.

Во рамките на овој проект, ние се фокусиравме да ги изразуваме своите чувства и мислење после секоја активност, вежба и сесија. На крајот на секој од првите три денови имаше т.н. „групи на рефлексија“ во кои го разгледувавме текот на денот и споделувавме лични впечатоци, чувства и мислење за материјалот и активностите во текот на тој ден.

Се здобивме со навистина прекрасно искуство за времетраењето на проектот, со тоа искуство и знаење од овој тренинг курс го развиваме и нашиот дел од проектот, а тоа е ние да составиме форум театар претстава.
Продолжете да не следите и ќе слушнете од нас повторно!


Leave a comment