Најверојатно не мислите дека недостатокот на сон е некаков вид на повреда, но всушност е токму тоа. Или мислите дека спиењето е обврска која може да ја одложите, секако дека не можете! Во рок од 24 часа, вашиот мозок почнува да откажува на мерливи начини. Во рок од една недела, вашето тело влегува во состојба на воспаление од низок степен. И колку повеќе време поминува, толку поголеми се штетите. Еве што се случува, фаза по фаза.
Краткотраен недостаток (1 до 3 ноќи): Вашиот мозок почнува да не функционира правилно. По само една ноќ со помалку од шест часа сон, вашиот префронтален кортекс, делот од мозокот што ги контролира импулсите, фокусот и донесувањето одлуки, значително забавува. Скенирањето на мозокот покажува пад од 30-50% во употребата на гликоза во овој регион. Тоа значи дека вашиот мозок буквално работи со помалку гориво.
Што чувствувате: Почнувате да заборавате едноставни работи. Ви бега мислата сред реченица. Малите фрустрации делуваат огромно.
Што не чувствувате: Времето на вашите реакции е успорено до ниво на алкохолизиран возач. Но за разлика од алкохолот, недостатокот на сон ја отстранува свесноста за тоа дека сте оневозможени. Мислите дека сте во ред. Но не сте.
Веќе втората вечер, вашата амигдала (центарот на мозокот) станува преактивна. Неутралните нешта, СМС порака, поглед од колега почнуваат да делуваат заканувачки. Вашето тело лачи кортизол како да се наоѓате во опасност, иако сте безбедни. Не сте анксиозни затоа што нешто не во ред. Анксиозни сте затоа што вашиот мозок ја изгубил вештината да ја препознае разликата меѓу реална закана и обична случка.
Среднорочен недостаток (1 до 2 недели): Вашето тело почнува да се напаѓа себеси. Ако продолжите да спиете 6 часа или помалку секоја ноќ, подолго од една недела, проблемот престанува да биде само „во вашата глава”. Станува системски.
Вашиот имунолошки систем испушта воспалителни хемикалии наречени IL-6 и TNF-alpha. Тие се корисни против инфекции, но кога се испуштаат со денови, почнуваат да го оштетуваат здравото ткиво. Вашиот крвен притисок, кој би требало да се намали за 10-20% додека спиете, останува висок во текот на ноќта. Вашите ќелии стануваат помалку респонзивни на инсулин, првиот чекор до дијабетес. Најопасната промена е невидлива: ќе почнете да имате микро-спиења. Тие се моменти на губење на свеста кои траат до секунди каде вашиот мозок накратко се исклучува додека очите ви остануваат отворени. Нема да ги забележите. Но доколку возите или преминувате улица, или работите со некаква машинерија, тие две секунди можат да ве убијат. Истражувањата покажуваат дека после 2 недели недостаток на сон, ризикот од сообраќајна незгода е скоро еднаков на возењето со 0.10% алкохол во крвта.
Во оваа фаза, вашиот мозок ја губи способноста да ги следи сопствените грешки. Ќе ги оцените вашите перформанси како „добри“, додека објективните тестови ве ставаат во најслабите 10% од сите луѓе. Ова не е тврдоглавост. Тоа е невролошки факт: мозокот лишен од сон не може да го види сопствениот неуспех.
Долготраен недостаток (месеци до години): Штетата станува трајна. Хроничното лишување од сон, што значи шест часа или помалку навечер во текот на една година или повеќе, не само што ве прави уморни. Таа физички го намалува вашиот мозок.
Долгорочните истражувања од МР (магнетни резонанци) покажуваат дека луѓето кои хронично не спијат губат сива материја во хипокампусот, регионот одговорен за меморијата. Загубата се движи од 8-12% во текот на пет години. Ова намалување директно корелира со значително поголем ризик од Алцхајмерова болест. Всушност, секоја година краток сон го забрзува акумулацијата на амилоидни плаки (белег на Алцхајмеровата болест) за еквивалент на две до три дополнителни години стареење.
Вашето срце, исто така, плаќа трајна цена. Нормално, крвниот притисок паѓа ноќе. Кај луѓето кои хронично кратко спијат, тој пад исчезнува. Со текот на годините, ова го принудува срцето континуирано да работи под висок притисок, што доведува до задебелување на срцевиот мускул и три пати поголем ризик од мозочен удар.
Но, најстрашниот долгорочен ефект е врз вашиот имунолошки систем. Природните клетки убијци, првата одбрана на вашето тело и од вируси и од рак во рана фаза, се произведуваат речиси исклучиво за време на длабок сон. По месеци губење на сон, активноста на природните клетки убијци се намалува за 50-70%. Големи студии го следеа резултатот: хроничните лица со краток сон имаат 40% поголем ризик од колоректален карцином и 50% поголем ризик од карцином на дојка. Губењето на сон само по себе не предизвикува рак. Но, ги замолчува токму клетките чија работа е да ги уништат канцерогените клетки пред да формираат тумори.
Најсуровиот дел: Нема да верувате дека сте оштетени. Во секоја фаза, недостатокот од сон ја нарушува вашата способност да го препознаете недостатокот од сон. Колку повеќе сон губите, толку повеќе станувате сигурни дека функционирате нормално. Затоа луѓето кои спијат пет часа навечер честопати инсистираат дека „не им треба повеќе“. Тие не лажат. Тие се невролошки неспособни да го почувствуваат сопствениот дефицит.
Некоја штета може да се поправи. По неколку лоши ноќи, две или три целосни ноќи сон ќе ги вратат повеќето функции. По недели ограничување, закрепнувањето трае подолго, до десет дена, а може да се задржи и одредено воспаление. Но, по години хроничен краток сон, одредени промени се чини дека се трајни: намалениот хипокампус, замолчените природни клетки убијци, срцевиот мускул кој се згуснал од години полноќен притисок.
Не можете да резервирате сон. Не можете да „надоместите“ за време на викендите на никаков значаен начин што ќе ја поништи долгорочната структурна штета. Единствената интервенција што функционира е превенцијата: конзистентни седум до осум часа навечер, ноќ по ноќ.
Накратко, лишувањето од сон не е значка на честа. Тоа не е трик за продуктивност. Тоа е прогресивна, кумулативна повреда што започнува со заборавеност, ескалира во системско воспаление и завршува со трајно намалување на мозокот и драматично зголемен ризик од рак, срцеви заболувања и деменција. Личноста во која станувате по месеци лош сон не е поцврста верзија од вас. Тоа е побавна, поболна, поанксиозна верзија, онаа на која ѝ недостасува увид да разбере што е изгубено.
Прашањето не е дали можете да функционирате со помалку сон. Прашањето е каква иднина градите, една кратка ноќ одеднаш.
Arthur Bonhoure–Tolfo
Превод: Мартина Даниловска
https://neurologytoday.aan.com/doi/10.1097/01.NT.0000365758.57321.d5


Leave a comment